СОС телефон 15 505 за лица во социјален ризик

Сите граѓани од денеска на бесплатниот СОС телефонски број 15 505, ќе можат да пријават злупотреба на деца, педофилија, бездомни, стари и изнемоштени, како и други лица кои се во каков било социјален ризик.

Новиот СОС телефонски број го промовура министетрот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој нагласи дека отсега граѓаните само со еден телефонски повик ќе можат да пријават лица во социјален ризик до институциите на системот и да им ја препуштаат работата понатаму на стручните лица.

– Секој граѓанин било малолетен или возрасен заслужува соодветна грижа доколку во одреден момент од својот живот се нашол во ситуација на социјален ризик. Ги повикуваме сите граѓани доколку забележат дете коешто се нашло на улица и за кое постои сомневање дека е економски експлоатирано од страна на други возрасни групи да алармираат на 15 505 кај СОС службите бидејќи со еден телефонски повик спасувате илјадници деца коишто против нивна волја се на улица наместо да бидат во топол семеен дом или во училишната клупа. Со еден телефонски повик ќе разбудиме илјадници родители кои воспитно ги запуштаат и занемаруваат сопствените деца. Со еден повик ќе спасиме и  многу други деца кои на овој или оној начин се нашле во социјален ризик: користење на алкохол дрога, цигари и слично, истакна Ристовски.

Секој граѓанин кој ќе забележи бездомно лице или лице за кое се претпоставува дека нема дом потребно е да го пријави на 15 505 СОС телефонот. Со еден телефонски повик на 15 505 ќе може да им се помогне и на стари и изнемоштени лица на кои им е потребна секојдневна помош од набавка на основните животни потреби, лекови и слично.

– Секое лице со кое судбината на суров начин си поиграла потребно е да добие адекватна грижа  и заштита. Доколку забележите дека некое од овие лица се нашле во одреден социјален ризик кој ја нарушува нивната сигурност и безбедност и за кого е потребна персонална асистенција од друго лице обратете се на СОС телефонот 15 505. Не смееме да ги заборавиме ниту злоупотребуваните деца и се позачестената појава на педофилија! Затоа, го повикуваме секој граѓанин доколку се сомнева или е директен сведок за сексуално злоупотребувано дете или забележи обид за било каков вид на злоупотреба  да не се колеба туку да пријави на СОС линијата. Само заедно ќе му помогнеме на секое дете, ќе спречиме педофилија и злоупотреба на дете – апелира министерот Спиро Ристовски.

www.dnevnik.com.mk