Хипогликемија е состојба на намалено количество на глукоза (крвен шеќер) во крвта. Најчесто се јавува како компликација кај пациенти со дијабетес кои користат инсулин во терапија.

За хипогликемија се смета ниво на глукозата во крвта помало од 3-3.3 mmol/l (50-60 mg/dl).

Симптоми

Симптомите на хипогликемија се различни кај секоја индивидуа. Најчесто, пациентите се жалат на:

  • општа слабост;
  • поспаност;
  • вртоглавици;
  • конфузност;
  • глад.

Други знаци за хипогликемија можат да бидат:

  • бледило;
  • главоболка;
  • иритабилност, агресивно однесување;
  • тремор;
  • потење;
  • тахикардија;
  • чувство на студ.

Во потежок случај, личноста со хипогликемија може да изгуби свест, дури и да падне во кома.

Третман

Важно е брзо да се препознаат симптомите на хипогликемија и да се делува веднаш. Често истите брзо се повлекуваат доколку личноста јаде храна или се напие течност која содржи шеќери. Парче чоколадо или шише кока-кола обично помагаат за враќање на нормалното ниво на глукоза во крвта.

Во потешките случаи на хипогликемија, кога пациентот е со нарушена свест, третманот се состои во интравенска апликација на раствор на декстроза.

Превземено од: Доктори.мк