СПОРЕД ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА СТАТИСТИKА

Демографски стануваме дом за стари лица

Македонија веќе може да се смета за стара зашто има повеќе од 8 отсто старо население, вели Амалија Јовановиќ, социјален демограф

Мариjа Тасев

До 2050 година, првпат во историјата на човештвото, бројот на старите во светот ќе го собори бројот на младите, објавија демографите вчера, на Меѓународниот ден на старите лица. Македонија не е исклучок – бројот на жители помлади од 15 години полека се доближува до бројот на лицата постари од 64 години.

Според податоци од Државниот завод за статистика, во земјава живеат околу 16.450 лица постари од 65 години, наспрема 26.770 лица помлади од 15 години.

Со исклучок на Јапонија, првите 25 земји на листата на демографски најстарите земји, се од Европа. Според извештајот, објавен по повод 1 Октомври – Меѓународниот ден на возрасните лица, 893 милиони луѓе или 12,8 проценти од вкупните седум милијарди жители на Земјата се на возраст над 60 години. Прогнозите предвидуваат дека во следната деценија таа група на луѓе ќе се зголеми за 200 милиони и ќе изнесува над милијарда. А, тоа веќе го вклучи алармот на стручњаците, кои предупредуваат дека тоа ќе ги оптовари здравствените и социјалните системи на државите.

Не се товар

Во извештајот се посочува дека до средината на 21 век околу 80 проценти од возрасните луѓе ќе живеат во развиените земји. А, според демографските пресметки, штом бројот на старите лица е поголем од 8 проценти, вкупното население се смета за старо.

– И Македонија веќе може да се смета за стара зашто има повеќе од 8 проценти население над 65-годишна возраст – вели Амалија Јовановиќ, социјален демограф.

За млади се сметаат децата што наполниле 15 години.

Иако процесот на глобалното стареење е карактеристичен за сите европски земји, во Македонија тој процес се засилува, па границата меѓу стари и млади секоја година с` повеќе се намалува.

Во Министерството за труд и социјална работа велат дека во рамките на одржлив развој е поттикната интеграцијата на старите лица и се настојува да им се обезбедат услови за квалитетен живот, приспособен на системот на социјална заштита.

– Во рамките на тие напори се покачувањата на пензиите, отворањето клубови за пензионери, отворање нови современи старски домови, бесплатен превоз, бесплатен бањско-климатски третман, а од 1 јануари и бесплатни лекови за лицата што имаат примања под 10 илјади денари. Отворивме и дневни центри за стари лица во Чаир и во Центар, каде што дневно поминуваат и по педесетина граѓани – велат од кабинетот на министерот за труд и социјала Спиро Ристовски.

Старите лица не смеат да бидат третирани како товар на општеството, туку како негов составен дел, велат од Министерството.

– Особено тие што се витални и можат с` уште да придонесуваат со своето искуство. Тие треба да се вклучени во сите гранки на општеството, без разлика дали како волонтери или како друг вид советници. Имаме Национална стратегија за стареење, која предвидува мерки на државата во таа област – велат од кабинетот на министерот Ристовски.

Недоволна опфатеност

И фондот за население на ОН посочува дека треба да се искористи работниот потенцијал на возрасните лица и да им стави крај на дискриминацијата и насилството врз нив. Но, никој нема коментар за статусот на стотиците стари лица кои без каква било финансиска помош живеат осамени по селата, без социјална и медицинска заштита.

Во Македонија има околу 280 илјади пензионери, а само четири државни старски дома со одвај 570 легла и километарски листи на чекање за сместување.

Во Министерството за труд и социјална работа велат дека тоа е најслабата алка во социјалната заштита во земјава. Стратегијата за стари лица не предвидува брзо решавање на проблемот. Најавена е изградба на еден старски дом в година, а еден ќе се затвори поради дислокација.

– Во Скопје се Геронтолошкиот завод „13 Ноември“ и одделот „Мајка Тереза“ со капацитет од 111 легла, како и домот за стари лица „Сју Рајдер“ во Битола со 140 кревети. Во Kуманово работи домот „Зафир Сајто“ и има најголем капацитет – 165 легла. Домот „Kиро Kрстески-Платник“ во Прилеп има 151 легло. Од вкупно 567 дури 215 стари лица материјално се необезбедени и се сместени преку центарот за социјална работа.

Во старските домови во Македонија се опфатени 0,5 отсто од вкупниот број стари лица, иако европските стандарди препорачуваат да бидат опфатени до 5 отсто.

Извор:Дневник