Празот и неговите „сонародници” – лукот и кромидот – содржат тиосулфонати, кои со сечењето или дробењето на зеленчукот преминуваат во сулфиди. Овие елементи дејствуваат како природни антибиотици, го намалуваат крвниот притисок, го јакнат имунолошкиот систем, го намалуваат холестеролот и имаат улога во превенцијата од малигните заболувања…

Ги содржи витамините Ц и Б6

Празот е исклучително добар додаток на супи, сам или во комбинација со друг зеленчук. Со оглед на тоа дека е во групата заедно со лукот, поседува слични карактеристики, но со значително поблаг вкус и мирис. По нутритивниот состав сличен е на своите „сонародници”, но со нешто повеќе белковини, бета-каротин и витамин Ц.

Свежиот праз е одличен извор на манган, а добар извор е на железо, на фолна киселина и на витамините Ц и Б6.

Затоа што со подготвувањето се намалува количеството витамини и минерали, зготвениот праз станува добар извор на манган, а просечен извор на железо, на фолна киселина и на витамин Б6.

Ја обновува цревната флора

Празот е драгоцен поради својата содржина на органосулфурни компоненти, фитохемикалии кои се разликуваат кај поединечни групи зеленчук и секоја од нив има позитивен ефект врз здравјето.

Фитохемикалиите, често наречени и фитонугритиенти, се биолошки активни молекули кои во соработка со витамините и со минералите позитивно влијаат на здравјето. Тие имаат способност да го модулираат метаболизмот на организмот и на тој начин да направат превенција од појава на малигни заболувања. Имаат и заштитно дејство бидејќи ги зацврстуваат и ги подобруваат одбранбените механизми во организмот. Празот може да се јаде свеж или подготвен што не ја намалува вредноста на фитохемикалиите, иако одредена загуба на микронутритиенти со кулинарска подготовка не можеме да избегнеме. За да се спречи изразена загуба на драгоцени состојки при готвењето, се препорачува празот (како и другите видови зеленчук) да го ставите во врела вода наместо во ладна.

Ако сакате на организмот да му овозможите најмногу што можете разновидна исхрана, секако, тоа подразбира дневно внесување од три до пет оброка зеленчук во кои повремено мора да го вклучите и празот без разлика дали станува збор за свеж или за готвен зеленчук, дали е смрзнат или конзервиран. Еден оброк со зеленчук може да се состои од едно филџанче свеж лисест зеленчук, половина филџан со други видови зеленчук (свежи или варени), три четвртини од филџанот сок од некој зеленчук. Празот е многу богат со етерични масла, кои во дигестивните органи го поттикнуваат излачувањето на дигестивните сокови, а добро влијае на лачењето урина. Во рана пролет се користи за прочистување на организмот, ја обновува цревната флора, а има и благо лаксативно дејствување.

Внимавајте на цврстината и на бојата

Празот може да се најде на пазарот во есен и во пролет, а при купувањето внимавајте на неговите цврстина и боја. Белиот дел на допир треба да биде цврст и без дамки, а зелените листови со силна боја и блиску прилепени. Празот купувајте го кога знаете дека ќе го користите, а доколку не го употребите веднаш, исечете ги врвовите на листовите и чувајте го во ладилник во делот за зеленчук или на ладно место неколку дена.

 

Избор:Превентус.мк