Archive for јануари, 2012

Во време на економска криза, старите лица страдаат најмногу, рече Хамарберг, кој вчера во Советот на Европа го претстави извештајот за активностите во последната година, поради што во него не е опишана состојбата со македонското малцинство во Грција и во Бугарија

Можеби не постигнавме с`, но постигнавме многу, истакна во вчерашното обраќање во Парламентарното собрание на Советот на Европа комесарот за човекови права Томас Хамарберг. Тој во март ќе му ја препушти функцијата на Нилс Мужњиекс, кој беше изгласан со огромно мнозинство гласови.

Хамарберг вчера го претстави извештајот за активностите во последната година, па од тие причини во него ја нема состојбата со македонското малцинство во Грција и во Бугарија. Токму Хамарберг беше комесарот за човекови права кој неколкупати во своите извештаи ги повика двете земји да ги признаат Македонците и да им ги дадат нивните права како што тоа личи и треба да биде за која било европска земја. Хамарберг не беше лично задоволен што владите на Грција и на Бугарија не ги спроведуваат одлуките на Судот за човекови права во процесите во кои македонското малцинство извојува правна победа.

– Тој е извонредна личност и имаше извонреден шестгодишен мандат – изјави вчера кусо за „Дневник“ Мевлут Чавушоглу, доскорашен претседавач со ПССЕ.

Хамарберг лично не е сосема задоволен од состојбата со почитувањето на човековите права на европскиот континент.

– Европа мора посигурно од реторика да премине на почитување на човековите права – истакна тој во обраќањето.

Според европскиот комесар за човекови права, постојат неколку области кои посебно загрижуваат, а пред с` тоа е судскиот систем во некои држави.

– Kорупцијата, политичкото влијание и немањето ресурси ја нагризуваат независноста и кредибилитетот на судството – подвлече Хамарберг.

Kако посебен проблем тој ја наведе состојбата со Ромите, нивните проблеми со сиромаштијата, домувањето, но и стигматизацијата, а особена загриженост Хамарберг искажа за старите и изнемоштени лица.

– Старите страдаат повеќе од другите во време на сегашната економска криза и мерките што се преземаат со кастрење во буџетите. Видов знаци на голема сиромаштија кај старите лица во неколку земји. Потребна е многу подлабока расправа за правата на старите лица – порача Хамарберг.

Христо ИВАНОВСКИ, Наш известувач од Стразбур

#

p